Акупунктурата е важен дел на кинеската медицина. На почетокот била пронајдена како техничко средство на лечење, а потоа постепено станала самостојна медицинска гранка. Науката за акупунктурата се однесува на техниката на боцкање на кожата на чувствителни акуточки со акупунктурни игли, а исто така и на клиничката практика и основната теорија. Самиот збор е од латинско потекло (acus-игла, pungere- да се забодува).
Малку историја
Акупунктурата името го добила од европските мисионери кои ја посетиле Кина на крајот од 16- от век и први донеле глас во Европа за лечењето на кинески начин. Нејзиното настанува е поврзано со приказната за воин ранет со стрела. Стрелата е извадена и раната била излечена. Потоа е забележано дека е излечена и неговата болест на друг дел од телото.
Акупунктурата се спомнува во стара Кина веќе во 2.800 година пр.н.е. Хуанг Ди неи Јинг- Жолтиот цар (2698 пр.н.е.-2596.пр.н.е.) е автор на првото пишано дело за медицината. Напишано е во форма на дијалог на царот и неговиот лекар, а се состои од два дела: „Едноставни прашања“, која содржи принципи на општа медицина, и „Магична врата“, во која се опишуваат разни терапевтски методи- хербална акупунктура, лечење со енергија и хирургија.
Според древни записи, иглата за акупунктура најнапред била од камен. Таков алат се појавил пред 8.000 до 4.000 г.пр.н.е., во доцниот период на родовската заедница. Кинеските археолози ископале такви камени игли.
Во периодот на Пролетта и есента (770 пр.н.е.- 476 пр.н.е.) медицината постепено се одрекнувала од магијата, се појавувале професионални лекари. Во книгата „Чунќиу Зуоши Џуан“ (Chun Qiu Zuo Shi Zhuan) е забележано дека лекарот Ји Хуан во лечењето на војводата Ѓинг ја спомнал акупунктурата и палењето на кожа со мокса. Во периодот на Завојуваните кралеви и династијата Западен Хан (476 пр.н.е.-25 од н.е.), благодарение на напредокот на техниката на топење на железо, се појавиле игли од метал. Тие можат да се убодат во кожата до каде што камените не можат. Потоа во династијата Источен Хан и периодот Три кралства се појавиле многумина лекари кои одлично ја знаеле акупунктурата. Книгата „Џенѓиу Ѓиајиѓин“ ( Zhen Jiu Jia Yi Jing), што ја составил Хуангпу Ми, е прва систематска монографија посветена на акупунктурата. Подоцна во династијата Ѓин и периодот Југ и Север (256 од н.е.-589 од н.е.) се напишани значително повеќе монографии. Исто така, во овој период акупунктурата започнала да се воведува во Кореја и Јапонија. Во династиите Суи и Танг (581 од н.е.-907 од н.е.) акупунктурата станала специјализирана медицинска гранка. Во императорската медицинска установа таа била воведена како задолжителен предмет. Во 16-от век е воведена во Европа. Но во последната кинеска династија Ѓинг вниманието било посветено на лековите, со омаловажување на акупунктурата.
Европа и Запад ја откриле акупунктурата со помош на еден француски дипломат во првата половина на 20- от век.
Веќе во 1682- ра година во Лондон е одбранета првата дисертација од подрачјето на акупунктурата. Меѓутоа, најзаслужен е Европјанецот Џорџ Сули д Моран, дипломат кој се посветил на проучување на акупунктурата и кого Кинезите го прогласиле за „лекар учител“. Благодарение на него, во 1946- та е основано меѓународно друштво за акупунктура со седиште во Париз.
По прогласувањето на нова Кина во 1949-та година акупунктурата доживеа голем развој. Сега во секоја болница функционира по едно одделение за акупунктура, а ги има повеќе од 2.000. Кинеските студенти, идните лекари на традиционалната медицина, акупунктурата ја изучуваат на крајот од своето школување, а огромни тешкотии во тоа предизвикуваат архаичните изрази и филозофската повеќезначност.
Акупунктурата се применува во клиничката практика, а може да биде применувана во сите системи на човековото тело.
Во научното истражување се стекнати голем број на вредносни податоци за нејзината рагулативна улога, намалувањето на болката и јакнењето на имунитетскиот ссистем, во истражувањето на човековите канали во медицински поглед, како и врската помеѓу акуточките и внатрешните органи.
Некои интересни поими, кои инаку се дел од нашиот колоквијален говор, често доведуваат до недоразбирања и заблуди. На пример, ветрот и огнот се мошне важни во акупунктурата, ги искажуваат односите во природата и дијагностиката на заболувањето, како и процесите во човековото тело. Огнот во стомакот е гастритис, а огнот во црниот дроб (што обично го создава лутењето) може со своите пламени да го промеша ветрот во главата (вид на главоболка на тилот), па и да ги пробие крвните садови (шлог). Одделни описи на симптоми и знаци достигнуваат поетска вредност, а поврзаноста на состојбата на духот и телото е разработена илјадници години пред психоневроимунологијата да ја признае западниот научен естаблишмент.
Кои се вистините и заблудите за акупунктурата?
Најнапред за нејзината моќ односно за семоќта. Сега се знае дека со неа може релативно успешно да се третира хроничната болка, мачнина и повраќање во бременоста, болните состојби на мускулно- коскениот систем, а некогаш дури и астма. Исто така, се знае дека акупунктурата не го лечи ракот на дојката, а сите контролирани клинички студии покажале дека не го лечи ревматоидниот артритис. Со оглед на незаинтересираноста, пред се на фармацевтските компании, можностите и ограничувањата на акупунктурата и натаму остануваат недефинирани. Од друга страна, тоа овозможува манипулации со неа, злоупотреба и бескрупулозно користење за стекнување на профит. Слично на биоенергетичарите и секакви други надрилекари, новопечените „акупунктуролози се рекламираат себе си со „неверојатната“ моќ на акупунктурата. На пример дека со неа може да се излечи стерилитетот, паркисонизмот, мултиплекс склероза, дури и рак. Неодговорноста и опасното незнаење може да доведе и до трагични последици.
Во 1979-та година Светската здравствена организација (СТО) ја призна акупунктурата како метод на лечење и состави листа на болести кои успешно се третираат со тој метод, на пример: периартритис на рамената, спортски повреди, ишијас, контрактури и анкилоза на зглобовите, ревматски артритис, теносионивитис, невралгии, периферни повреди на нервите, главоболки, мигрени, стрес, хроничен умор, неврози, хипертензија и хипотензија, ринитис, алергии, бронхитис, астма, воспаление на синуси, шум во ушите- тинитус, пречки во органите за варење, неплодност, неуредни менструации, дисменореја и придружни тегоби, разни кожни болести, козметички третмани (брчки, целулит), забавување на процесот на стареење, болести на зависност- дебелина, пушење.
За полесно да се сфатат традиционалните и модерните теории, треба да знаеме што всушност се случува при третманот. Постојат субјективни и објективни чувствувања: субјективни- болка (зависи од умешноста на акупунктурологот) и феноменот De Qi (длабинско болно чувство на полнотија, здрвување или боцкање); објективни- аналгезија, седација, хомеостаза, имунолошки систем и психолошки ефект.
Од поновите научни теории треба да се издвои онаа за ослободување на ендорфинот. Тој е природно дејствувачки невропептид кој се врзува за рецепторите- станиците на болка во мозокот и има изразито аналгетско дјетсво.
Стимулацијата на акупунктурната точка предизвикува ослободување на тој хормон и токму затоа со акупунктурата мошне успешно се третираат разни болни синдроми.
Постојат неколку техники на акупунктура:
- термопунктура или моксибустија: употреба на суво лисје на мокса од кое топлината се емитува на одделни делови и точки на човечкото тело;
- се почесто се применуваат електроапунктура, електропунктура и во последните неколку години ласер акупунктурата:
- електроакупунктура: длабинска електростимулација низ воведените игли;
- електропунктура според Voll е всушност метод кој се изведува со помош на апарат наречен EAV органометар, кој го развил Германецот Д-р R. Voll; се користи и за терапија и за дијагностика;
- ласер акупунктура: се базира на дејствување на ласерска светлина која е монохроматска, поларизирана и кохерентна; тоа е асептичен, неинвазивен и безболен метод, кој ако правилно се применува нема придружни штетни ефекти; се насочува на кожата на оддалеченост од 0-5 мм и во зависност од јачината на ласерот точките се стимулираат 5- 30 секунди; пациентите денес се повеќе го бараат овој метод на лечење (неколку причини: тој е индивидуален- за време на третманот терапевтот целосно му се посветува на еден пациент), целосно безболен, исклучена е можноста од зараза (СИДА, Хепатитис Б,Ц) и краткотраен – околу 15 минути.
Извор: Паноптикум