УВ Индекс

УВ Индексот е меѓународна стандардизирана мерка за јачината на ултравиолетовото зрачење од сонцето, во одреден ден, на одредено место. Познавањето на дневните вредности на УВ индексот се од големо значење за правилна заштита на кожата.

Вредности на УВ индексот се движат од 0 до 11+ и се стандардизирани од страна на СЗО и одделот за грижа на животната средина при ОН:

  • 0-2 – незначителен ризик; при оваа вредност, најголемиот број луѓе може да останат на сонце и подолго од 1 час, без опасност од изгореници; доволни се очила за сонце и средство за заштита ако во околината има рефлектирачки површини како вода или снег.
  • 3-5 – ниско ниво на ризик; луѓето со чувствителна кожа и светол тен може да добијат изгореници при изложеност на сонце од 20-тина минути. Се препорачува носење на очила за сонце, шапки и избегнување на изложеност во најтоплите делови од денот.
  • 6-7 – висок ризик; задолжително средство за заштита со најмалку СПФ 15, квалитетни очила за сонце, шапки со широк раб, покриеност на целото тело со лесна памучна или ленена облека.
  • 8-10 – многу висок ризик; се превземаат сите мерки на заштита. Не смее да се останува подолго време на сонце. Најчувствителните може да добијат изгореници за само 10 минути изложеност на сонце.
  • 11+ – екстремен ризик при незаштитено излегување на сонце; употреба на средство со повисок заштитен фактор, очила, широки шапки, рацете и нозете треба целосно да бидат покриени со лесна облека. Воопшто да не се излегува на директна сончева светлина.

Во денови кога УВ индексот има високи вредности, бебињата, децата и возрасните со чувствителна кожа, треба да ги избегнуваат сите активности на сонце меѓу 10 и 16 часот. Рефлектирачките површини како водата, песокот, бетонот и карпите, со одбивање на УВ зраците го зголемуваат штетното дејство, дури и под сенка.

Related posts